Утрински Весник
Македонија

Љутков: Инвестирањето во Баргала и во Штип е наш влог во афирмацијата на македонската историја и култура

Rabotna Poseta Na Bargala I Na Shtip 2.jpg

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оствари работна посета на локалитетот Баргала, Општина Карбинци, и на националните установи од областа на културата во Штип, при што направи увид во актуелните состојби, согледувајќи ги потребите на институциите за периодот што следува.

„Баргала е локалитет од стратегиско значење за нашите политики во однос на развој на културниот туризам, затоа и со надлежната установа Завод и музеј – Штип и со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, ќе се заложиме и за поголема искористеност на туристичкиот павилјон во состав на локалитетот и за промоција на црквата Св. Ѓорги, кои прават еден исклучително атраткивен комплекс за афирмација на културта и историјата на овој регион”, рече Љутков и додаде дека за овој исклучителен локалитет има изготвено ревалоризација што ќе обезбеди и нов режим на заштита.

Министерот Љутков рече дека Министерството за култура и туризам продолжува во континуитет да ги поддржува програмските активности на локалитетот, а искажа и поддршка за изнаоѓање алтернативни начини на финансирање, особено во делот за ефикасно ноќно осветлување, на заштитениот и ограден доцноантички град.

Во Штип, министерот Љутков ја потенцираше итната потреба од обнова на дотраениот објект на Народниот театар, особено на покривот кој прокиснува и ја загрозува безбедноста на актерите и на публиката.

„Овде се соочуваме со недостиг од основен технички кадар потребен за одвивање на работата и на Центарот и на Штипскиот театар. Изминативе години не се пополнети ниту највиталните позиции потребни за реализација на продукциите, што довело и до слабо ниво на програмски содржини, недоволен репертоар, речиси затворени институции.

Во приоритетите на нашата политика ќе биде наоѓање модели за постепена кадровска обнова и доекипираност на Центарот за култура, како установа која е носител на културниот живот на Штип”, изјави министерот.

Министерот Зоран Љутков и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, разговараваа за начините за обезбедување средства за проектите за кои има конзерваторско одобрение и може веднаш да се работи на нивна непосредна заштита, а тоа се: Саат-кулата во Штип, Хусамедин-пашината џамија или црквата Св. Илија, како и за проектот за конзервација на Исарот.

„Предизвик е да се грижиме и да го чуваме културното наследство, да ја анимираме меѓународната заедница за нивната вредност и да овозможиме широка достапност на културните, природните, гастрономските убавини на нашата земја, особено на Штип, и да ги промовираме како наша автентична туристичка понуда”, порача министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. 

Можете да прочитате

Мицкоски се сретна со турскиот министер Фидан

Николовски: Разочарувањето кај граѓаните кои со жар и верба гласаа за ВМРО-ДПМНЕ е огромно

Пожар предизвикан од 27-годишник од Битолско, приведен од полицијата