Утрински Весник
Свет

Ураганот Милтон носеше се пред себе – најмалку 16 жртви

Florida Tornado Epa 2.jpg

Ураганот Милтон кој се очекуваше да биде од петта категорија како бура на Флорида пристигна од трета категорија носејќи се пред себе. Потврдени се најмалку 16 смртни случаи поврзани со овој ураган, а повеќе од милион лица се евакуирани. Ветрови од 160 километри на час во вид на торнада корнеа дрвја, кровови на куќи и спортски сали, проследени со силни врнежи кои предизвикаа поплави кои направија огромни штети, а многу од улиците се уште се под вода.

Невремето во последните часови тргна на југ и на копно во Сиеста Ки во близина на Сарасота, околу 112 километри јужно од Тампа. Областа Тампа сè уште се смета за една од најпогодените од ураганот Милтон според Националната метеоролошка служба.

Повеќе од три милиони домови и бизниси останаа без струја, многу од локалните жители изразија олеснување за ураганот кој го намали интензитетот. Сепак последиците се големи, а стравот е уште тука. Врнеше дури и до 45 сантиметри дожд во некои области, според локалните власти. Екипи се ангажарани од 26 држави во САД во справување со катастрофалната природна непогода која ја погоди Флорида.

„Сега имаме на државно ниво, продолжуваме да ги поддржуваме операциите за пребарување и спасување. Од попладнево, најмалку 340 лица и 49 домашни миленици се спасени. Националната гарда на Флорида, силите за спроведување на законот и урбаните тимови за пребарување и спасување на Флорида продолжуваат да работиме во текот на денот“ соопшти гувернерот Рон Де Сантис на Флорида.
Екипаж на хеликоптер на крајбрежната стража спаси човек кој останал во Мексиканскиот залив, откако неговиот брод бил погоден од ураганот.

Пентагон соопшти дека воздухопловната база Мекдил во Тампа е евакуирана и останува се уште затворена.

„Од утрово, Националната гарда на Флорида активираше повеќе од 6500 гардисти и мобилизираше 500 возила, 26 хеликоптери и повеќе од десет водни летала од десетина држави за мисијата за одговор и закрепнување од ураганот Милтон. Покрај тоа, уште 3.000 национални гардисти од 19 држави се исто така подготвени да поддржат“ изјави Генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Евакуација на жителите се уште трае, а луѓето кои се вратија се соочија со страотни глетки на нивните некогашни домови кои сега изгледаат уништетени и без кровови.

„Ова беше дома. Знаеш, кога кси дома, мислиш дека ова нема да се случи, не мислиш дека ова може да се случи, нешто ќе дојде и само ќе ти го урне целиот живот. Не размислуваш за тоа. Значи, ова е домот и веќр го нема. Домот го нема. Значи, домот повеќе не е дома. Така да, многу сум емотивна“ изјави Наташа Дукре жителка на Флорида.
Иако Милтон не предизвика катастрофален наплив на вода како што се стравуваше на Флорида, сепак штетите се енормни, сметајќи дека пред две недели на исто место жителите се соочија и со ураганот Хелен. Расчистување на улиците и поправање на куќите за некои може да трае со недели, но и месеци.

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk