Утрински Весник
Свет

Унгарски министер со години споделувал доверливи информации од ЕУ со Русија

Img 0463.jpeg

Нова политичка бура ја тресе Европската Унија откако „Вашингтон пост“ објави истрага во која се тврди дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто со години споделувал доверливи информации од состаноците на ЕУ со рускиот министер Сергеј Лавров.

Според извештајот, повикувајќи се на европски функционер, Сијарто за време на паузите од состаноците на Советот на ЕУ директно контактирал со Лавров и го информирал за текот на разговорите меѓу европските лидери, при што наводно биле споделувани и можни насоки за постапување на руските власти.


„Практично, секој состанок на ЕУ со години имал Москва зад масата“, изјавил неименуван безбедносен извор за весникот.

Реакции пристигнаа од Полска, каде премиерот Доналд Туск изјави дека ваквите информации не се изненадување. „Ова го сомневавме одамна“, напиша Туск, додавајќи дека поради тоа внимателно ги бира своите изјави на ваквите состаноци.

Од друга страна, Сијарто ги отфрли обвинувањата како целосно неточни. Во објава на социјалната мрежа Икс, тој ги нарече наводите „лажни вести“ и обвини дека тие се дел од кампања за поддршка на опозициската партија пред изборите.

„Лажете за да ѝ помогнете на Тиса да воспостави про-воена марионетска влада“, напиша Сијарто.

Се огласи и полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски со краток, но значаен коментар: „Ова објаснува многу, Петер“.

Во исто време, истрагата отвори уште посериозни сомнежи, откако беше објавено дека руската разузнавачка служба наводно подготвувала операција за инсцениран обид за атентат врз унгарскиот премиер Виктор Орбан, со цел да му се зголеми политичката поддршка пред изборите.

Според последните анкети, опозициската партија Тиса води со 48 проценти поддршка, додека владејачката Фидес има 39 проценти. Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април.

Можете да прочитате

Дали Јапонија ќе испрати воени бродови во Персискиот залив?

Либанскиот претседател ги осуди нападите врз земјата, стравува од инвазија

Санчез бара отворање на Хормуз: Светот не смее да ја плати цената на оваа војна