
Унгарија покрена постапка пред Европскиот суд на правдата против одлуката на Европската Унија за забрана на увоз на руски природен гас, соопшти унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто. Намера да ја тужи ЕУ најави и Словачка. Сијарто тврди дека Унгарија и Словачка не смееле да бидат прегласани при донесувањето на одлуката кон крајот на јануари и дека таа има карактеристики на санкција, што според него барало едногласно усвојување. Според другите 27 земји-членки, мерката се третира како прашање од трговската политика, за кое е доволно квалификувано мнозинство.
Унгарскиот министер нагласува дека европските договори гарантираат секоја земја-членка самостојно да одлучува за своите извори на енергија, а принципот на енергетска солидарност се крши со забраната, бидејќи Унгарија останува зависна од поскапи и понесигурни алтернативи. Европската Унија одлучи увозот на руски гас да се запре до крајот на 2027 година. Унгарија, силно зависна од рускиот гас, не презела значајни мерки за намалување на зависноста од Русија од почетокот на инвазијата врз Украина, а премиерот Виктор Орбан се смета за еден од најблиските сојузници на Кремљ во ЕУ.

