На програмскиот календар на Националната галерија, 15 декември е термин предвиден за официјалното претставување на уметничката група XXL а oтворањето на изложбата е закажано во 18 часот.
Националната галерија на Македонија (Мултимедијален центар „Мала станица“) ја претставува групата XXL, создадена во 1994 година, во Софија.
„По децениско меѓусебно непознавање (или делумно познавање) на тековните процеси во уметноста на двете земји, оваа изложба ја гледаме како уште еден чекор кон трајна соработка во областа на културата“, велат од Националната галерија.
Во 1994 година, основачи на групата беа Свилен Стефанов, Генади Гатев, Хубен Черкелов, Иван Ќуранов, Косјо Минчев, Расим, Георги Тушев, Петко Дурмана и Слави Славов. Првиот манифест, „Клоца во грбот на инерцијата“, е напишан и објавен на почетокот на 1995 година, во весникот „Култура“, а подоцна со додатоци се појави и на страниците на „Литературен весник“. Името XXL се поврзува и со галеријата која постоела помеѓу 1996 и 2003 година во Софија. Имињата на некои од најпопуларните изложби на кругот XXL се „Нова бугарска ликовна уметност“ 1996), „Косјо, Хубен, Тушев“ (1997), „Димензии на насилството“ (1998), „Гангстарт“ (1998) , „Бугарскиот пејзаж како метафора“ (2001) и „Нови радикални практики“ (од 1997 до 2001 година). Галеријата XXL беше затворена во 2003 година, од страна на регионалниот управител на Софија, по изложбата во галеријата насловена како „AntiSax (Нова политичка уметност)“.
Во општата слика на бугарската уметност, оваа група е еден од првите примери на самостојна уметничка дејност надвор од постојните институционални структури. Уште како студенти, тие навлегуваат во јавниот простор радикално и нецеремонијално. Денес нивното творештво може да се гледа со пообјективен поглед, исчистен од филтерот на емоциите и екстравагантниот дух на 90-тите. Изложбата во Националната галерија во Скопје не е реконструкција на феноменот XXL – тоа би била голема реконструкција на десетици дела, од кои некои повеќе не постојат. А освен тоа, тие беа само дел од севкупното радикално однесување. Оваа изложба е повеќе реминисценција и обид за подоцнежно разбирање на промената што оваа група ја предизвика во современата бугарска уметност.
Оваа изложба го истакнува, главно, актуелното творештво на групата; покрај основачите, на неа се претставени и автори кои се вклучени во нејзините активности низ годините – Росен Тошев, Димитар Јаранов, Георги Ружев, Борис Сергинов, Красимир Добрев, Дејвид Д’Агостино. Голем број автори соработувале низ годините со групата, а десетици отвориле самостојни изложби во просторот на галеријата XXL.
Во 1990-тите години групата се препознава по работата во областа на инсталацијата, перформансите, видеото и акциите во урбан простор. На пример, таква акција беше скандалозното бојадисување на зградите во целиот центар на градот со графитот „Хубен, Косјо, Тушев“, што беше на граница на хулиганство. Во исто време, групата доследно ги развиваше современите можности на сликарството, а за тоа сведочи не само концептуалната кураторска изложба „Ново бугарско сликарство“ (1996) туку и фактот што речиси целата група работеше и сè уште работи во она што се смета за класичен медиум. И денес тие се изразуваат со сите можни средства, но без претходен договор, акцентот секогаш паѓа на сликарството. Сликарство, изразито повеќеслојно – од концептуално „сериозно“ до постапстрактно или експресивно неодговорно и пародично. Визијата секаде е комплицирана, прекршена низ интелектуално подмолен семантички слој, ѕиркајќи зад материјалите, техниките и гестовите. XXL ги разигруваат картите на историски нормираните сликовити јазици – со целосна свест за нивната иронична нова употреба.
Како дел од Годишната програма, проектот е поддржан од Министерството за култура. Во реализацијата на изложбата добиена е поддршка и од Државниот институт за култура при Министерството за надворешни работи на Република Бугарија и Културно информативниот центар на Р. Бугарија во Скопје.