
Украинскиот адвокат Андриј Портнов, поранешен советник на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој е под истрага за корупција, беше убиен пред Американското училиште во Мадрид.
Според соопштението на шпанската полиција, педесет и двегодишен маж починал рано утринава откако бил застрелан неколку пати пред вратата на образовен центар во мадридската општина Позуело де Аларкон, пренесува Ел Паис.
„Скај њуз“ објави дека Портнов ги оставал своите деца во Американското училиште во Мадрид кога бил убиен. Во него пукале повеќе напаѓачи, бил застрелан во грбот и главата, а потоа осомничените избегале кон блиската шума. Пукањето се случило пред училиште во богато предградие западно од градот.
Училиштето веднаш по инцидентот испратило итни известувања до родителите, наведувајќи дека сите ученици се безбедни. Извор близок до училиштето изјави за Си-Ен-Ен дека се верува дека Портнов е татко на еден ученик. Полицијата го опколи просторот пред елитното училиште во кое учат нешто повеќе од илјада ученици од САД, Шпанија и десетици други земји.
Во овој момент никој не е уапсен.