Украинската служба за внатрешна безбедност соопшти дека пресретнала телефонски повик, кој докажал дека руските сили ја разнеле браната „Каховка“ во регионот Херсон во јужна Украина.
Службата за безбедност на Украина (СБУ) објави аудиоснимка од наводниот разговор во траење од една и пол минута на својот канал „Телеграм“, пренесува „Ројтерс“.
„Напаѓачите сакаа да ја уценат Украина со минирање на браната и направија катастрофа на југот на нашата земја. Окупаторите си зборуваат за ова во телефонски разговор што беше пресретнат од СБУ“, пишуваат во објавата.
„Тие (украинската страна) не го зафркнаа тоа. Нашата диверзантска група е таму. Со ова сакаа да ги исплашат луѓето. Не одеше според планот, беше направено повеќе отколку што планираа“, вели наводен руски воен офицер во видеото објавено од СБУ.
Тој ги опишува и последиците од оваа катастрофа, кои Руската Федерација наводно се обидува да ги скрие: пораст на нивото на водата, поплавување територии и уништување.
СБУ во објавата потсети дека против Русија е поведена кривична постапка за уривање на браната.
„Руската Федерација, конечно, докажа дека претставува закана за целиот цивилизиран свет со минирањето на браната. На крајот на краиштата, само вистинска терористичка држава би можела да организира вештачка и еколошка катастрофа од ова ниво. И таа, дефинитивно, ќе одговара за тоа – и на бојното поле и пред меѓународните судови. Нашата задача е да ги изведеме пред лицето на правдата не само водачите на режимот на Путин, туку и обичните извршители на злосторства“, нагласи шефот на СБУ, Васил Маљук.
Руските и украинските власти меѓусебно се обвинуваат за гранатирањето на браната во Херсон, што доведе до поплави, кои раселија илјадници луѓе и оставија стотици илјади без нормален пристап до вода за пиење.
Киев тврди дека пукањето на руската брана е „еколошка бомба за масовно уништување“, а Москва вели дека тоа е терористички чин извршен од украинските сили како дел од нивната контраофанзива.