Во Киев од денеска се очекува обилен снег, дневната и ноќната температура ќе се спуштат под нулата, а милиони луѓе во градот и околината остануваат без струја и греење.
Мрежниот оператор „Укренерго“ објави дека производителите на електрична енергија можат да покријат само три четвртини од потребите на потрошувачите, поради што се воведени рестрикции и прекини на струја низ целата земја.
Претседателот Володимир Зеленски рече дека електричната енергија е ограничена во 14 од 27 региони во Украина и во Киев, за „повеќе од 100.000“ потрошувачи во секој регион.
„Ако потрошувачката се зголеми во вечерните часови, бројот на прекини може да се зголеми“, рече Зеленски.
„Тоа уште еднаш покажува колку е важно да се заштеди енергија и да се користи рационално“, рече тој.
Сергеј Коваленко, главен оперативен директор на „ЈАСНО“, кој го снабдува Киев со електрична енергија, рече дека ситуацијата во градот се подобрува, но сепак е „прилично тешка“.
Тој посочи дека граѓаните треба да имаат најмалку четири часа струја дневно.
„Ако не сте имале најмалку четири часа струја во изминатиот ден, пишете на „DTEK Kyiv Electric Networks“, колегите ќе ви помогнат да сфатите што е проблемот“, напиша Коваленко на својата Фејсбук страница.
Русија вели дека нападите не се насочени кон цивилното население, а Кремљ тврди дека руските напади врз енергетската инфраструктура се резултат на неподготвеноста на Украина да преговара.
Во ретка јавна расправија меѓу украинските лидери, Зеленски во петокот го критикуваше градоначалникот на Киев за, како што рече, лошата работа на засолништата за итни случаи да им помогнат на оние без струја или топлина по руските напади.
„Укренерго“ најави дека прекините на електричната енергија ќе продолжат и повикаа на ограничено користење на електричната енергија.
„Би сакале да ве потсетиме дека сега секој Украинец во чиј дом е обновена електрична енергија може да им помогне на другите да ја вратат побрзо, едноставно со умерено користење на електричната енергија“, се вели во соопштението на апликацијата за пораки Телеграм.
Снегот се очекува да продолжи да паѓа во Киев, град со 2,8 милиони жители а се прогнозира температурите да останат под нулата.