В понеделник започнува новата учебна година, но вработените во основното и средно образование нема да добијат повисоки плати како што бараа.
Ресорното министертво и Владата јасно кажаа дека за оваа година не се предвидени средства за усогласување на платите во образованието со растот на минималната плата односно нивно зголемување за 12,5 проценти.
Зголемувањето на платите, односно нивно усогласување со растот на минималната плата, беше закочено поради двојните избори што се одржаа оваа пролет, па очекувањата беа дека новата Владата ќе го заврши процесот со што вработените во образованието требаше да добијат покачување на платите од 12,5 проценти.
Но тоа веќе е извесно дека нема да се случи, а Владата најави дека е подготвена платите во образованието да ги зголеми во март идната година.
Синдикатот за образование наука и култура со недели јавно кажува дека чека средби со министерката за образование Весна Јаневска и премиерот Христијан Мицкоски, за зголемување на платите, но тие на еден до почетокот на учебната година се уште се немаат случено.
Во меѓувреме, расте незадоволството кај наставниците и професорите, а дел од нив најавуваат дека во понеделник ќе започнат штрајк поради недобивање на планираното покачување на платите.
Истовремено, денес опозициската СДСМ најави дека утре под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ СДСМ ќе организира собир на наставници.
„Пред самиот почеток на учебната година, јасно е дека Мицкоски и Јаневска немаат концепт ниту јасен план за развој и подобрување на образованието. Целосно го погазија ветувањето за зголемување на платите на наставниците. Секојдневно слушаме некакви изговори, а вистината е дека власта на ДПМНЕ не сака да ги зголеми платите за 12% во овој септември. Со СДСМ наставниците секоја година, новата учебна година ја започнуваа со повисока плата, изјави Даниела Николова, пратеничка на СДСМ на денешната прес-конференција.
Експресно стигна одговор од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за која утрешниот собир е партиски, а пратеникот од оваа партија Сергеј Попов, ги повика наставниците „да не подлегнуваат на партиски хушкања“ додавајќи дека СДСМ и ДУИ го злоупотребувале наставниот кадар.
Со свој коментар се јави и најповиканата организација за правата на наставниците а тоа е Синдикатот за образование и култура.
Нејзиниот претседател Јаким Неделков преку објава на социјалните мрежи порача дека Синдикатот нема да учествува во утрешниот протест.
„Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект. Политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат.
СОНК ќе продолжи да делува со сите расположиви синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел. Членовите на СОНК нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот“ пишува Неделков.
Но истиот тој Неделков пред две години по секоја цена организираше штрајк на наставниците.
Тогаш за СОНК неприфатливо беше зголемување на платите од 10% па по три недели штрајк, синдикатот се договори за раст на платите од 12%, па оттаму зачудува сегашниот молк на првиот синдикалец во образованието кога ветеното покачување не се остварува.