Утрински Весник
Култура

„Љубовта ни започна во Галичник, таму ќе ја овековечиме“, Елисавета и Оливер се невестата и младоженецот на годинашната Галичка свадба

„Љубовта ни започна во Галичник, таму ќе ја овековечиме“, Елисавета и Оливер се невестата и младоженецот на годинашната Галичка свадба

Оливер Андреевски и Елисавета Булоска се годинешните зет и невеста на јубилејното 60-то издание на манифестацијата Галичка свадба, која ќе се одржи од 14-ти до 16-ти јули.

dobivaj vesti na viber

„Во Галичник започна нашата љубов со Оливер и драго ми е што ќе ја овековечиме таму. И многу сме среќни и тука сме еден за друг да се поддржиме“, рече Елисавета.

Потекло од Галичник има Оливер, од каде потекнуваат и неговите предци.

„Јас имам потекло од Галичник, невестата има потекло во Охрид. Веќе пет години се знаеме и цело време и зборам за Галичник. И така се одлучивме да аплицираме да учествуваме, и со голема желба, љубов и почит кон нашите предци да учествуваме на свадбата, заедно со нашите семејства и да се венчаме токму во Галичник со сите обичаи“, рече Оливер.

Ана Сариевска неколкугодишен режисер на Галичка свадба, која се грижи за координацијата и реализација за свадбениот обред, рече дека повеќе од 20 години е учесник на Галичката свадба. Десет години во нејзина организација, а круна на нејзиното учество во оваа претстава под отворено небо било кога во 2014 година била невеста на Галичка свадба.

„Потекнувам од семејство кои биле основоположници на галичката свадба, учев од нив. Тоа беше една генерација луѓе кои беа родени, живееја таму. Плашејќи се да не згасне традицијата, тие ни ја оставија во аманет Галичката свадба. Мојата задача е да искоординирам околу 250 луѓе кои се техничка поддршка, плус гостите на свадбата“, раскажа Ана Сариевска.

Министерката за култура Костадиновска Стојчевска рече ова е време кога се слават љубовта, семејството и заедницата.

„60 години традиција, радост за враќање дома во родниот крај и 60 години Галичка свадба. Историски мост помеѓу нашето минато и сегашност. Мост меѓу живата традиција и современост. Галичка свадба е повеќе од еден обичен настан, таа претставува вистинско патување низ времето, волшебен момент кога се спојуваат генерациите и се пренесуваат обичаите и ги чуваме со голема почит“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Во програмата за Галичка свадба предвиден е целовечерен концерт на Фолтин кој ќе се одржи на 14-ти јули, а во сабота доцна попладне почнуваат сите обичаи поврзани со Галичката свадба. За време на Галичка свадба на Галичник ќе има и сообраќаен режим.

Покровител на манифестацијата Галичка свадба е претседателот на државата Стево Пендаровски кој по татко е галичанец.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“