Утрински Весник
Македонија

Јубилеј на ЗНМ: 80 години борба за медиумски слободи и професионални стандарди

Znm 3.jpg

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) вечерва со свеченост во Македонската опера и балет ќе го одбележи значајниот јубилеј – 80 години од своето основање. Настанот ќе биде посветен на одбележување на долгогодишната улога на организацијата во заштитата на новинарската професија, слободата на изразување и јавниот интерес.

Во рамки на свеченоста ќе бидат доделени традиционалните годишни награди на ЗНМ. Меѓу нив се наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство за 2025 година, како и наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење.

Од ЗНМ посочуваат дека јубилејот претставува можност за ретроспектива на осум децении организирано новинарско делување во земјата, период во кој здружението активно работи на унапредување на професионалните стандарди, заштита на правата на новинарите и медиумските работници, како и на унапредување на медиумските слободи.

Низ својата историја, ЗНМ се позиционира како професионална организација која реагира на притисоци и закани кон новинарите, учествува во креирање политики поврзани со медиумската сфера и се залага за почитување на етичките принципи во новинарството.

Свеченоста во МОБ се очекува да собере претставници од медиумската заедница, институциите, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери, при што настанот ќе има и симболична димензија – одбележување на континуитетот и значењето на организираното новинарско делување во Македонија во изминатите 80 години.

Можете да прочитате

Перински: Поддршка за локалниот потенцијал: Објавен повик за зголемување на регионалната конкурентност

Николоски: Уште две нови авиолинии кон Италија, од јули од Скопје ќе се лета кон Сардинија и Сицилија

Аврамовски од ЛДП: Потребни се искрена посветеност и сериозен ангажман од власта во надминувањето на кризата со транспортерите