Управата за јавни приходи за денеска најави дека ќе ги објави доказите со кои располага, а кои се однесуваат, како што велат, на малверзации кои ги правеле нафтени компании во земјава.
Според најавите даночните инспектори им влегле во трагот и им го откриле начинот како го изигрувале системот и затајувале данок.
На почетокот на декември, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, во телевизиско гостување откри дека УЈП постапува, анализира и прави попис на фактурите кои биле дел од деловните односи, како и анализа на физичките лица кои стојат зад спорните бензински пумпи.
Опозицијата се обиде да биде побрза од истрагата на даночните инспектори и веќе излезе со обвинувања дека даночниот орган прикрива криминал.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во компаниите често се менувале одговорни лица и сопственици, а во поголем број од случаите, станува збор за лица коишто се од соседни земји и тешко се лоцираат. УЈП ги демантираше ваквите наводи.
Велат дека искажани се невистини за работата и постапката која што ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем.
Зa власта пак изнесените тврдења од страна на опозицијата се мешање во истрагата. Тврдат дека одговорност ќе има за сите вмешани во криминалот.