Претставник на Џејми Фокс ги отфрли како невистинити тврдењата дека актерот претрпел сериозна реакција на вакцината против Ковид-19.
55-годишниот Фокс беше хоспитализиран во април поради неодредена „медицинска компликација“. Меѓутоа, неодамна на интернет почна да кружи теорија која тврди дека актерот останал делумно парализиран и слеп како последица на згрутчување на крвта што довело до мозочен удар, откако бил вакциниран.
Сепак, претставник на ѕвездата изјави за „Њузвик“ дека шпекулациите се невистинити.
Тврдењето прво го изнесе Еј Џеј Бенза на подкастот „Прашај го доктор Дру“, при што подкастерот цитираше извор и тврдеше дека Џејми бил принуден да ја прими вакцината додека работел на филм, но брзо почнал да страда од компликации.
Во тврдењето кое не беше оспорено од водителот д-р Дру Пински, Бенза рече: „Џејми имаше згрутчување на крвта во мозокот откако ја прими вакцината. Тој не сакаше да се вакцинира, но филмот на кој работеше беше под притисок да го стори тоа. Згрутчувањето на крвта во мозокот предизвика делумна парализираност и слепило“.
Кендис Овенс потоа ја сподели теоријата на својот поткаст на „Јутјуб“ и инсинуираше дека тврдењата на Бенза мора да биле вистинити бидејќи семејството на Фокс не ги осуди неговите коментари.
Пријателот на Фокс, Ник Кенон, неодамна изјави дека оскаровецот ќе ги информира фановите за своето здравје „кога ќе биде подготвен“.
Тој изјави за „Екстра“: „Едно нешто што секогаш сум го почитувал за тоа како Џејми се движел во текот на целата негова кариера, ако сте забележале, тој отсекогаш бил исклучително професионален и исклучително приватен.“
„Верувам дека кога ќе биде подготвен, ќе им се обрати на фановите за неговото здравје онака како што може само тој.“