Утрински Весник
Економија

Турските туристи најбројни во месец април

Ohrid.webp.webp

Најбројни гости во земјава во април 2026 година биле туристите од Турција. Податоците покажуваат дека странските посетители имаат доминантен удел во туристичкиот промет, со што продолжува трендот на зголемен интерес за посета на земјава.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во април годинава во Македонија биле евидентирани 97.358 туристи кои оствариле 174.649 ноќевања. Од вкупниот број гости, 79,5 проценти биле странски туристи, додека домашните учествувале со 20,5 проценти.


На врвот на листата на странски посетители се туристите од Турција со 11.826 регистрирани гости. Зад нив следуваат туристите од Германија со 11.463 посетители, Србија со 6.073 и Франција со 5.695 туристи.

Зголемувањето на бројот на странски гости се забележува и на годишно ниво. Во периодот од јануари до април 2026 година, бројот на странски туристи е зголемен за 4,8 проценти во однос на истиот период минатата година, додека вкупниот број туристи пораснал за 3,5 проценти.

Туристичкиот сектор во Македонија во последниот период се потпира сè повеќе на странските посетители, особено на гостите од Турција, Германија и земјите од регионот. Покрај традиционалните дестинации како Охрид и Скопје, интересот е насочен и кон културниот, природниот и руралниот туризам.

Можете да прочитате

Дизелот поскапува за 5,50 денари, а бензините за 1,50

Божиновска: Секој вложен денар во хидроелектраните носи повеќе домашна енергија и поголема сигурност

Заврши годишното оданочување на граѓаните за 2025 година, пријавени над 612 милијарди денари оданочив доход