Утрински Весник
Македонија

Турски државјанин и уште едно лице осомничени за даночно затајување од 12,6 милиони денари

Finansiska Policija.jpg

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две физички лица, сопственици и управители на правно лице, како и против самото правно лице, поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“.

Според Финансиската полиција, првопријавениот Н.О., државјанин на Турција, во периодот од 2016 до 2021 година бил реален сопственик и управител на правното лице. Во 2021 година, кога последен пат во име на фирмата била поднесена завршна сметка, била прикажана нето загуба од 834.571 денари.

Од Управата наведуваат дека Н.О., со намера да ја присвои трговската стока евидентирана на залиха и да избегне плаќање даночни обврски по основ на застарени краткорочни обврски, извршил промена на сопственичката и управувачката структура на фирмата. Како нов сопственик и управител бил запишан второпријавениот Е.М.

За деловните години 2022, 2023, 2024 и 2025 година, според пријавата, во име на правното лице не биле изготвени и поднесени завршни сметки.

Финансиската полиција се сомнева дека пријавените неосновано присвоиле трговска стока во вкупна вредност од 32.054.759 денари. Притоа, не бил пресметан, пријавен и уплатен ДДВ по стапка од 18 проценти во износ од 5.769.856 денари.

Дополнително, правното лице не пресметало, не пријавило и не платило данок на личен доход во име и за сметка на пријавените лица во износ од 3.561.283 денари.

Во пријавата се наведува и дека не биле отпишани и прикажани како приходи застарени краткорочни обврски кон добавувачи постари од три години, во вкупен износ од 32.847.325 денари.

По оваа основа, не бил пресметан и платен данок на добивка по стапка од 10 проценти во износ од 3.284.732 денари.

Според Управата за финансиска полиција, со сите наведени дејствија биле избегнати законски утврдените даночни обврски во вкупен износ од 12.615.871 денари, за колку што, според сомнението, бил оштетен Буџетот на државата.

Можете да прочитате

Ги видел полицајците, ја заклучил вратата и ги предупредил присутните да бегаат – акција во Гостиварско

Герасимовски: Да ги вратиме дебатите во партиските простори, СДСМ мора да се обедини и да се врати на терен

Македонија загуби грант од ИПА фондовите за железницата