
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во интервју за емисијата „Аграр” истакна дека преку кампањата „Македонско најдобро” се потенцира важноста на македонските производители на храна и се допринесува кон зголемување на производството на квалитетни земјоделски производи. Со кампањата ќе се поддржи домашната економија, ќе се зачуваат работните места, но истовремено ќе се зајакне и идентитетот.
„Клучот го гледам во зголемувањето на квантитетот на земјоделското производство. Земјоделците ќе бидат задоволни бидејќи со поголема продадена количина по единица цена се остварува поголем приход. Ова не се однесува само на домашниот пазар, туку и на извозот на земјоделските производи”, појасни Трипуновски.
Тој посочи дека согласно податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари–октомври 2025 година, во споредба со истиот период во 2024 година, извозот на земјоделски производи е зголемен за 5,5 проценти, што укажува на зголемено земјоделско производство во државата.
„Во вториот и третиот квартал имаме сериозен раст во откупот и продажбата на земјоделски производи”, додаде тој.
Министерот Трипуновски најави дека во наредниот период ќе се работи на мерки и политики со цел 2026 година да биде уште поуспешна од 2025 година, нагласувајќи дека македонскиот земјоделски производ е квалитетен и заслужува свое место на европските и светските полици.
„Податоците за извозот се охрабрувачки и претставуваат дополнителен мотив да продолжиме со уште поголема посветеност”, заклучи министерот.



