
„Денеска сме на манифестацијата организирана од Општина Кавадарци – „Тиквешки гроздобер” и посакувам успешна манифестација, бидејќи го отсликува почетокот на бербата на винското грозје од Тиквешкиот регион”, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Кавадарци.
„Ние како Министерство остануваме силно фокусирани да го враќаме квантитетот и квалитетот на производство на винско грозје. Оваа година очекуваме над 25 милиони килограми повеќе за разлика од ланската берба. Се очекува целата берба да биде над 100 милиони килограми”, посочи министерот.
Тој додаде дека оваа година има значаен прогрес во лозарството.
„Министерството изминатиот период посвети сериозно внимание на системите за наводнување, што е круцијално во делот на производство на винско грозје”, појасни министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека според податоците кои ги има Министерството од Државниот инспекторат за земјоделство, заклучно со 4-ти септември откупени се околу 30 милиони килограми винско грозје, околу 11 милиони килограми црвено винско грозје е откупено, а остатокот е бело винско грозје.
„Инспекторатот и Министерството, Владата во целина ќе го следи секојдневно откупот на винското грозје за да се спречат било какви отстапувања од законските норми и прописи кои важат”, посочи тој.
Министерот Трипуновски истакна дека Македонија е лидер во производство на квалитетно вино во светот.