
Маркетите деновиве на рафтовите треба да ги постават означувачите за македонските производи кои на граѓаните ќе им овозможат веднаш да ги разграничат од увозните и многу полесно да го направат својот избор доколку сакаат да купат наши, домашни јаболка, домати, компири, моркови, краставици и други продукти.
Како што информира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, во тек е и регистрацијата на платформата makedonskonajdobro.mk преку која производителите ќе ги промовираат свежите земјоделски производи, а преработувачите автентичните македонски преработки, додека компаниите ќе ги означат локациите на своите продажните центри.
Трипуновски беше на средба во Стопанската комора на северозападна Македонија, чии членки, истакна, и дале максимална поддршка на владината кампања „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост”.
-Во тек се договорите со маркетите на кои ќе им бидат поделени означувачите на македонските производи. Останува тие деновиве да ги постават означувачите. Се работи за голем број поризводи, потебно е неколку дена тие да се поделат и да се постават на полиците. Во меѓувреме, тече процесот на пријавување на земјоделците, преработувачите и маркетите за платформата на која ги регистрираат своите производи и продажни места низ државата. Кампањата веќе почна, интензивно се делат информативните материјали, а целта е да има јасна видливост на тоа што значи домашно производство, а што производство од увоз. Имаме квалитетни производи кои треба да бидат видливи за нашите потрошувачи. Верувам дека и вие ако појдете во маркет нема да знаете кој домат или некој друг земјоделски производ е од Македонија, а кој од увоз. Со означувачите граѓаните ќе можат да направат избор, потенцира министерот.
Тој најави и дека се работи на посебната апликација за мобилни телефони која ќе овозможи уште полесен пристап до информации за домашните земјоделски производи и преработки. Апликацијата, рече Трипуновски, ќе биде наскоро објавена.
-Со кампањата сакаме да им дадеме уште поголема поддршка на производителите и преработувачите, да ја раздвижиме домашната економија, да го зајакнеме домашното земјоделско производство, но и да ја подигнеме свеста за квалитетот на македонските земјоделски производи, нагласи Трипуновски.
Вршителот на должноста претседател на СКСЗМ, Нухи Алиу изјави дека „токму тука болката е најголема“ – како да се стимулира производството, да се зголеми квантитетот за да бидеме поконкурентни.
-Пазарот ни е либерален и не може да стопираме некои производи да влезат во Македонија. Ние стремиме кон ЕУ каде има одредени стандарди и тие стандарди ние мора да ги почитуваме како институции. Дискутиравме и прецизиравме конкретни работи – што треба да се прави. Ја прифативме и ја поддржуваме кампањата за да ги стимулираме производителите, но и за да ги обврземе нашите потрошувачи да купуваат домашни земјоделски производи. Како Комора, ќе дадеме се од себе кампањата да даде ефект. Компаниите го прашаа министерот како означувачите на домашните производи ќе бидат поставени за да ги види секој купувач, како производителот ќе биде поблизок до потрошувачите за да нема посредници кои би ги зголемиле цените. Посредниците знаат да ги зголемат цените, но производителот поинаку ги гледа тие работи. Затоа целта на кампањата е на некој начин купувачот да биде што поинформиран. Потрошувачите треба да знаат дека со купувањето домашно производство на некој начин ги стимулираат производителите, дека треба да дадат свој, индиректен придонес за нашите производители да произведуваат повеќе, подвлече Алиу.
Додаде и дека со министерот договориле да се прават дополнителни анализи на цените.
-Ние сме пазарно стопанство и цените се формираат на пазарот. Понекогаш Владата може да интервенира кај цените за некои базични производи, земјоделски, но не може тоа да биде долготрајно, туку на одреден период додека се стабилизира пазарот, укажа Алиу.
Платформата makedonskonajdobro.mk содржи интерактивна мапа „Каде да купам” која преку автоматска геолокација им помага на граѓаните да ги пронајдат најблиските продажни места за домашни земјоделски производи и преработки, со можност за филтрирање по категорија или специфичен производ.