Утрински Весник
Македонија

Три оспорени законски члена го доведоа градењето кај „Треска“ пред Уставен, меѓу нив и нарушувањето на хуманото живеење

Три оспорени законски члена го доведоа градењето кај „Треска“ пред Уставен, меѓу нив и нарушувањето на хуманото живеење

Два члена од Законот за урбанистичкото планирање и еден од Уставот се оспорени пред Уставниот суд за детаљниот урбанистички план, кој го опфаќа и земјиштето кај фабриката „Треска“. Адвокатката Сузана Јошевска и граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ сметаат дека детаљниот план е спротивен на Генералниот урбанистички план.

dobivaj vesti na viber

„Подносителите наведуваат дека поради овие околности, се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторното и урбанистичкото планирање. Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторното и урбанистичкото планирање“, велат од Уставниот суд.

Во членовите за кои адвокатката Јошевска и „Шанса за Центар“ тврдат дека се прекршува носењето на измените на ДУП-от стои дека темелна вредност е хуманизација на просторот, детаљниот план да е усогласен со урбанистичкиот, како и дека максималната изграденост треба да биде 70 отсто.

„Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата“, стои во членот од Уставот, кој е оспорен.

Законот за урбанистичкото планирање предвидува: „Детаљниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план“, а подносителите сметаат дека е прекршен.

Дополнително, според нив, детаљниот план не е во согласност со законот, кој предвидува: „При изработка на урбанистичките планови со кои се уредува просторот за градби со намена домување во станбени куќи процентот на изграденост на градежната парцела треба да изнесува 70 %, а висината на градбата изразена во метри до венец 10,2 метри. За градби со намена домување во станбени згради процентот на изграденост треба да изнесува 70 %, а висината на градбата изразена во метри до венец за градежни парцели со површина од 500 до 1.000 м2 треба да изнесува најмалку 25,2 метри, а за градежни парцели со површина поголема од 1.000 м2 треба да изнесува најмалку 30 метри. Површината на градежната парцела за градби со намена домување во станбени згради треба да изнесува најмалку 500 м2“.

Уставниот суд ги испитува наводите.

„Овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати, кои ќе содржат предлози за гласање на седница“, велат од Уставниот суд.

Досега се издадени две градежни маркички, кои се правосилни за градење на местото од фабриката „Треска“.

Можете да прочитате

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри

Александар Димитријевиќ нов генерален секретар на СДСМ, еве кои се потпретседатели

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата