Утрински Весник
Скопје

Три огледала во центарот на Скопје со порака против говорот на омраза

20251209140113 big 730x400 44.webp.webp

Во централниот градски простор на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец денеска поставени се три големи огледала, кои ја канат публиката да застане, да се огледа и да размисли за сопствените зборови, навики и ставови. Наместо да даваат инструкции или забелешки, огледалата суптилно нудат прашања и пораки што се читаат само одблизу, создавајќи интимен момент на самоиспитување. Се работи за јавната уметничка интервенција „Огледало“, која има за цел да ја поттикне личната и општествената свест за говорот на омраза. 

Првото огледало ги истакнува последиците од говорот на омраза, потсетувајќи дека дури и најмалите навреди можат да повредат и да создадат култура на непријателство. Второто се фокусира на честите основи врз кои се шири омразата – национална, верска, етничка, политичка и сексуална, поттикнувајќи го минувачот да препознае колку лесно секојдневната комуникација може да ја репродуцира таа негативност. Третото огледало ги прикажува најтипичните конструкции на омразен говор, со јасна порака дека повторувањето или нормализирањето на вакви изрази го храни насилството и ја поткопува општествената кохезија.

Со ваквата поставеност, минувачите буквално „се судруваат“ со сопственото одразено лице и со можноста да размислат дали некогаш употребиле израз што повредува, понижува или стигматизира други. Инсталацијата создава тивка, но длабока интеракција – момент на искреност помеѓу човекот и самиот себе.

Целта на акцијата „Огледало“ е не да осуди, туку да охрабри: да ги поттикне граѓаните да развијат емпатија, да ја препознаат тежината на говорот што го користат и да станат активни учесници во создавање похумано, побезбедно и поповрзано општество.

Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”

Можете да прочитате

Ангелов: Објекти на Водно се под ризик од свлечишта

Ѓорѓиевски: Нови и модерни спортски терени добиваат средните скопски училишта

ОД АЕРОДРОМ ПОЧНУВА ПРОМЕНАТА – ПРВА ОПШТИНА СО СИСТЕМСКА СЕЛЕКЦИЈА НА ПЛАСТИЧЕН ОТПАД ВО ДОМАЌИНСТВАТА