Три филмови од кои два долгометражни и еден документарен се селектирани од страна на филмските експерти и тинејџери од цела Европа кои ќе бидат во трка за Наградата за најдобар Европски филм за млада публика за 2022. Наградата е посветена на европските филмови за публика помеѓу 12 и 14 години и претставува официјална категорија уште од 2012 година, соопшти Агенцијата за филм.
Она што е карактеристично за оваа селекција е што победниците се бираат од млади луѓе како жири и тоа од 42 европски земји кои ќе гледаат три филма он-лајн, но и во повеќе од 60 киносали во преку 70 европски градови.
Mладите од нашата земја по петти пат ќе бидат дел од пан-европскиот настан „Филмски ден на млада публика“ кој на 13 ноември (недела) истовремено ќе се случува низ европските градови. Настанот е предвиден да се одржи во Кинотеката на Македонија и да опфати млади на возраст од 12-14 години.
Наградата е официјалнакатегорија во рамки на Европските филмски награди огранизирани од страна на Европската Филмска Академија и ЕФА Продакшнс.
Гласовите од Скопје ќе бидат соопштени преку видео клип во којшто ќе земат учество сите учесници со фокус на два учесници од нашето жири во улога на презентери. Настанот во Скопје е во организација на Европската филмска академија и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Во официјална конкуренција се филмовите: францускиот “Животно”, режирано од Сирил Дион, шведскиот “Кралица на комедијата” на Сана Ленкен и германскиот “Соништата се како диви тигри” на Ларс Монтаг. Големото финале ќе биде на прославата на Европските филмски награди на 10 декември во Рејкјавик.
Идејата е преку активно учество на младите луѓе не само што го запознаваат високо квалитетниот европски филм, преку кој спознаваат различни култури и се разгледуваат важни општествени прашања, но исто така им овозможува на младите да придонесат кон позитивна промена преку демократско гласање како членови на европското семејство.