Утрински Весник
Македонија

Тргна годината со поскапа струја: Сметките растат до 900 денари

Img 5256.jpeg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Од денес, цената на електричната енергија се зголемува за 2,28 отсто за околу 85 отсто од домаќинствата во Македонија, што ќе значи повисоки месечни сметки во износ од приближно 57 до 900 денари, во зависност од потрошувачката.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) информира дека наместо предложеното зголемување од 7,66 отсто од страна на „ЕВН Хоме“, по спроведените анализи и пресметки одлучила за значително помали корекции на цените.

Според одлуката на РКЕ, во првиот тарифен блок цената ќе се зголеми за 2,45 отсто, во вториот блок за 2,87 отсто, во третиот блок за 3,32 отсто, додека во четвртиот блок зголемувањето изнесува 3,84 отсто. Претходно, „ЕВН Хоме“ предложи значително повисоки корекции – од 8,54 до 11,86 отсто по блокови.

Во однос на евтината тарифа, наместо предложеното зголемување од 3,96 отсто, РКЕ одлучи цената да се коригира за 2,50 отсто.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, истакна дека регулаторните анализи покажуваат оти сметките на домаќинствата што користат електрична енергија во првиот и вториот блок ќе се зголемат за околу 2,59 отсто, додека кај оние со потрошувачка и во третиот блок зголемувањето ќе изнесува 2,79 отсто.

„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го предвид јавниот интерес кога станува збор за цените на енергијата и енергентите, ги споделуваме во детали одлуките што ги носи РКЕ. Целта е да се избегне ценовен шок за потрошувачите“, изјави Бислимоски.

Од РКЕ појаснуваат дека иако „ЕВН Хоме“ го применил тарифниот систем, во предлог-одлуките не бил целосно испочитуван клучниот регулаторен принцип – урамнотежување на интересите меѓу енергетските компании и потрошувачите.

Регулаторот нагласува дека целта е да се обезбедат стабилни услови за снабдување со електрична енергија, а истовремено да се заштитат граѓаните од нагли и високи ценовни зголемувања. Податоците покажуваат дека 64 отсто од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, околу 21 отсто и во вториот, додека само 1,73 отсто од домаќинствата имаат потрошувачка во третиот блок.

Можете да прочитате

31 пациент, половина малолетници примени на Токсикологија

Починато машко лице пронајдено на автобуска постојка во Скопје

Турски државјанин убиен во Скопје, едно лице повредено и осомничениот во бегство