Речиси четврт век на организирано делување на жените во СДСМ преку Форумот на жени, се години исполнети со непрекината и бескомпромисна борба, која резултираше со бројни видливи и мерливи резултати на полето на родовата еднаквост, порача претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јована Тренчевска во обраќањето на Маршот по повод 8 март што се одржа денеска во Прилеп.
Тренчевска истакна дека жените во СДСМ, за разлика од жените во другите партии, се еднакви со мажите и заедно учествуваат во носењето одлуки, но и потсети дека се уште има простор за унапредување на еднаквоста во партијата.
„Денес, гордо можеме да кажеме дека во органите и телата на партијата како и на кандидатските листи за пратеници и советници еднакво сме застапени со нашите другари. Имаме квота 50-50!
Денес, Парламентот и општинските Совети изгледаат сосема поинаку од пред две децении. Таму рамноправно сме застапени и подеднакво одлучуваме и ние жените за важните државотворни и животни прашања. За разлика од другите, жените од СДСМ подеднакво партиципираат и во извршната власт.
Бројни се достигнувањата, но мора да бидеме искрени и да си признаеме дека во некои области не ги постигнавме зацртаните цели.
Евидентно е слабото учество на жените како кандидатки за градоналнички, односно имаме само една жена избрана градоначалничка од нашите редови.
Недоволен е бројот и на жени претседателки на ОО. Недоволен е бројот на жени менаџерки.
И понатаму медумското претставување на жените е полно со стереотипи и предрасуди поврзани со родовите улоги.И понатаму жените се најчесто жртви на говор на омраза. Женската солидарност сеуште не е на посакуваното ниво.
И токму ова се нашите предизвици за следно дејствување“ порача Тренчевска додавајќи дека борбата за родова еднаквост не смее да запре.