Утрински Весник
Економија

Тренчевска за предлог-законот за работни односи: Целта е да креираме законско решение со точни и прецизни одредби

Тренчевска за предлог-законот за работни односи: Целта е да креираме законско решение со точни и прецизни одредби

Во Клубот на пратениците денеска се одржа јавна расправа за новиот предлог-закон за работни односи, на која од страна на претставниците на Министерството за труд и социјална политика беа презентирани клучните новини во новото предлог законско решение, пред претставниците на Адвокатската комора, адвокати, судии, јавни обвинители, професори и експерти по трудово право, претставници на здружението на млади правници и на здружението на трудово и социјално право, како и претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Северна Македонија.

dobivaj vesti na viber

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, упати на важноста на оваа јавна расправа и можноста да се слушне мислењето на судиите и адвокатите, кои го применуваат законот, како и на професорите теоретичари на трудовото право, а во насока на креирање квалитетно законско решение и негова успешна имплементација.

„Целта е да креираме законско решение, кое ќе содржи точни и прецизни одредби и нема да остави простор за исти прашања да има разни толкувања. Носиме системско решение, кое ќе одговори на потребите на современото општество“, истакна Тренчевска.

Некои од новините со предлог-законот за работни односи се времетраењето на договорите на определено време, односно од досегашните пет години се скратува на две години и обновување на договорите трипати во рок од две години. Промена има и кај договорите за вработување на определено време за вршење сезонски работи и можноста работодавецот да ги плаќа придонесите на сезонскиот работник сите 12 месеци, со обврска дека работникот и следната сезона ќе работи за истиот работодавец. Работниците на неполно работно време, во однос на правата и обврските од работниот однос, се изедначуваат со работниците на полно работно време, освен кај платата и надоместоците од плата, кои се пропорционални со работните часови на работникот.

Се воведува и работата од далечина како одговор на потребите што произлегуваат од развојот на дигитализацијата и искуствата со ковид-кризата.

На јавната расправа се дебатира и за колективните договори и нивното важење, како и постапувањето на Државниот инспекторат на труд, кој како контролен орган го врши надзорот над примената на законските прописи.

Присутните на јавната расправа го поздравија носењето нов закон за работни односи, кој, како што беше посочено, воведува нови правни институти, кои нема да остават правни празнини и дилеми во неговото толкување и имплементација, а истовремено има усогласеност со меѓународни инструменти.

Јавните расправи продолжуваат и во текот на февруари по што ќе биде дебатиран и на Економско-социјалниот совет пред да се предложи за усвојување од страна на Владата на Република Северна Македонија и негово влегување во собраниска процедура.

Можете да прочитате

Јовановиќ: ЕЦБ води истрага против Алта Банка, таа банка може да ја наруши финансиската стабилност во земјата

Голем интерес за субвенции за инвертер клима-уреди – рокот за аплицирање до 5 октомври

Власта нејќе да чуе за зголемување на минамалецот, Дурмиши вели така ќе се отпуштале работници