Утрински Весник
Економија

Тренчевска: Социјалниот дијалог е моќно оружје за решавање важни економски и социјални прашања

Тренчевска: Социјалниот дијалог е моќно оружје за решавање важни економски и социјални прашања

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, се обрати на 111. сесија на Меѓународната конференција на трудот, што се одржува во Женева, Швајцарија, која е највисокото тело за одлучување на Меѓународната организација на трудот, чија членка е и Република Северна Македонија.

dobivaj vesti na viber

Тренчевска претстави дел од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија. И во таа насока таа го посочи приближувањето на ставовите и разбирањето помеѓу претставниците на работниците и работодавците како една од целите на социјалниот дијалог, на кои Владата на Република Северна Македонија им посветува особено внимание.

„Неговата главна цел е преку активно учество на главните фактори во светот на работата – работодавците, работниците и нивните претставници, да го подобри квалитетот на одлуките и политиките на една земја“, истакна Тренчевска . Таа потенцира дека телата и процесите за социјален дијалог се моќно оружје за решавање важни економски и социјални прашања, за справување со кризи, за поттикнување добро владеење и социјална правда, за намалување на нееднаквоста, закрепнување на економијата и за промовирање економски раст.

„Социјалниот дијалог води кон меѓусебно разбирање помеѓу општествените групи, кои застапуваат разни интереси, со цел да се постигне решение за проблемите од заемен интерес“, посочи Тренчевска.

Таа ја истакна важноста на вклученоста на сите релевантни фактори во општеството.

„Со години Економско-социјалниот совет, како трипартитно тело на национално ниво, дејствува како форум, кој е редовно консултиран за најважните предлог-закони, политики и мерки во социјално-економската сфера. Токму преку Економско-социјалниот совет се дискутирани и произлегоа решенија и мерки, кои беа одговор на последиците предизвикани од пандемијата, од енергетската криза, а сè со цел да му се помогне на стопанството, но и на работниците и ранливите категории граѓани“, истакна Тренчевска.

Се осврна и на преговорите за општиот колективен договор за јавниот сектор, кои се во тек и чие последно потпишување датира пред 15 години. Процесот на консултации трае, информира Тренчевска и огромно ќе биде задоволството да дојдеме до решение кое можеби и нема да е совршено, но ќе биде резултат на успешен дијалог помеѓу Владата и социјалните партнери.

„Соочувајќи се со предизвикот на вработувањето на младите лица по заокружувањето на образовниот процес, долгорочната невработеност и честата вклученост во неформална работа, увидовме потреба од системски пристап во решавањето на проблемите со кои се соочуваат младите во Република Северна Македонија, односно намалување на младинската невработеност и зголемувањето на вработливоста на младите лица“, рече Тренчевска.

Притоа ја посочи гаранцијата за млади како една од европските носечки иницијативи, која има цел да им обезбеди на младите лица (15-29 години) во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување на Република Северна Македонија квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практиканство.

„Република Северна Македонија е првата земја што не е членка на Европската Унија, а од 2018 година и во континуитет успешно го спроведува проектот ‘Гаранција за млади’. Така, од нејзиното воведување во 2018 година до денес над 80.000 млади лица се вклучија во неа. Речиси 40 % од учесниците добиле понуда за вработување, континуирано образование и обука и беа вклучени во практикантство, што се смета за позитивен исход“, истакна Тренчевска.

Можете да прочитате

Нема крај на поскапувањата, трошоците за живот во ноември пораснале за 4,3%

СОРАБОТКАТА СО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР Е КЛУЧНА ВО БОРБАТА ПРОТИВ СИВАТА ЕКОНОМИЈА

РКЕ донесе одлука: Ова се новите цени на горивата