Утрински Весник
Македонија

Тренчевска: Само со навремено изрекување на мерки ќе го превенираме фемицидот како најтежок акт на насилство врз жените

Тренчевска: Само со навремено изрекување на мерки ќе го превенираме фемицидот како најтежок акт на насилство врз жените

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западниот Балкан – Меѓународни стандарди и практика на судовите – презентација на извештаи“. На конференцијата поздравно се обратија и Билјана Брејтвејт, програмската директорка за Западен Балкан, AIRE центар, Викторија Аврамовска – Мадиќ, заменик министерката за правда на Северна Македонија, Наташа Габер-Дамјановска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, Ендрју Бранд, Раководителот на програмите во Британската Амбасада во Северна Македонија.

dobivaj vesti na viber

Тренчевска своето обраќање го започна истакнувајќи го деценискиот предизвик – семејното насилство. Министерката ги посочи нејзините заложби и заложбите на претставниците на институциите и граѓанскиот сектор во борбата со родово базираното насилство. Таа истакна дека и покрај гласното говорење, постојаната едукација, покрај променетиот институционален пристап, унапредување на законската рамка, законската обврска за должно внимание со кое треба да се пристапува кон секој случај, спроведување на голем број на кампањи за подигање на свеста сепак насилството врз жените и понатаму е присутно.

„Факт е дека мојата должност како министерка е креирање на политики. Политики кои се засновани на истражувања и на директни контакти со оние на кои таа политика им е наменета. Оттука заедно со моите колеги и колешки од министерството се трудиме да сме во директна комуникација со жените, зошто нивните приказни, специфични потреби и предизвици се оној темел врз кој сакаме да го креираме и да го прилагодуваме системот за превенција и заштита од насилство врз жените“ рече Тренчевска.

Таа потсети и на кампањата „Гласна и храбра“ која беше спроведена во март од страна на Министерството за труд и социјална политика. Министерката сподели дел од приказните кои биле споделени за време на кампањата.

„На тој караван слушнавме за присилно затварање дома и за оневозможување една жена да заработува, слушнавме за жени сезонски работнички кои по напорен ден им се одземени парите со закани од страна на сопругот алкохоличар, слушнавме за акутно насилство на кое сведоци се децата и за гладни непроспиени ноќи и изнемоштени раце кои не можат да се грижат за семејството“ изјави Тренчевска.

Министерката истакна дека причината за непријавување на насилството е стравот на жртвите, но и недовербата во институциите, случаеви кои според неа се сведува на фемицид или убиство на жените.

„Во 2019 та година од вкупно 5 убиства при семејно насилство 3 случаеви се фемициди, во 2020 година од 4 убиства при семејно насилство 3 се фемициди во 2021 година од 5 убиства при семејно насилство 3 се фемициди. Во 2022 година за жал бројката се зголемува и од вкупно 7 убиства при семејно насилство 6 се фемициди. И оваа година во само првиот квартал сме се соочиле со 3 фемициди, додека од неодамна имаше уште 2 случаеви“ рече Тренчевска.

Таа повика на поголема меѓусекторска соработка и навремено изрекување на мерките по пријавено насилство како од страна на центрите за социјална работа така и од страна на судовите истакнувајќи дека тоа е единствениот начин да се намали или превенира фемицидот како најтежок вид на насилство врз жените.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор