
Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли загриженоста дека фотографијата за него како следен папа, генерирана од вештачка интелигенција, е навредлива за католиците.
Контроверзната фотографија беше објавена на профилот на Трамп на социјалната мрежа Трут сошл во петокот. Не е познато дали ја објавил тој или некој од неговите соработници. Фотографијата предизвика поделени реакции. Поранешниот италијански премиер Матео Ренци рече дека тоа е „фотографија што ги навредува верниците, ги навредува институциите и покажува дека лидерот на глобалната десница ужива да биде кловн“.
Тимоти Долан, надбискупот во Њујорк кого Трамп го препорача за папа минатата недела, и Католичката конференција на државата Њујорк, исто така, изразија незадоволство.
На прашањето за негативната реакција на католиците на фотографија, Трамп одговори: „Не помислувајте на католиците, помислете на медиумите за лажни вести… Католиците ја обожаваат (фотографијата)“.
Тој изјави дека не ја видел фотографијата, која исто така беше споделена на X преку официјалниот профил на Белата куќа, сè до неделата навечер. „Немам поим од каде дојде. Можеби е вештачка интелигенција. Но, не знам ништо за тоа. Ја видов дури синоќа. Всушност, на жена ми ѝ се чинеше слатко. Праша, нели е убаво?“ рече Трамп.
Откако минатата недела се пошегува дека би сакал да биде новиот папа, сега изјави дека таа позиција сепак не е во неговите планови. „Всушност, не би можел да се оженам. Колку што знам, папите не се големи обожаватели на венчавките, нели? Не, колку што знаеме, не се“, нагласи тој.