
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп го поканил наскоро да ги посети САД, во телефонски разговор, кратко откако Трамп напиша дека Израел треба да води дијалог со Сирија. Бенјамин Нетанјаху „штотуку разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп“, се вели во соопштението од неговиот кабинет, во кое се додава дека Трамп го поканил „на претстојна средба во Белата куќа“.
„Двајцата лидери во разговорот ја истакнаа важноста од разоружување на Хамас и демилитаризација на Појасот Газа и нивната посветеност кон таа цел, а разговараа и за проширување на мировните договори“, се додава во соопштението.
Доналд Трамп претходно го предупреди Израел против какво било мешање во Сирија што би можело да ја загрози транзицијата на земјата во „просперитетна држава“.
„Многу е важно Израел да одржува силен и искрен дијалог со Сирија, за ништо да не го попречува развојот на Сирија во просперитетна држава“, рече Трамп, додавајќи дека САД се „многу задоволни од постигнатите резултати“ од Дамаск.


