
Доналд Трамп во саботата на националната телевизија изјави дека САД бомбардирале и уништиле три нуклеарни постројки во Иран, директно приклучувајќи се кон напорите на Израел да ја уништи нуклеарната програма на земјата во ризичен потег за ослабување на долгогодишен непријател, во услови на закана од Техеран за одмазда што би можела да предизвика поширок регионален конфликт.

„Нашата цел беше уништување на капацитетот за нуклеарно збогатување на Иран и запирање на нуклеарната закана што ја претставува државата број еден во светот, спонзор на теророт“, рече Трамп во говорот од Белата куќа. „Вечерва можам да му соопштам на светот дека нападите беа спектакуларен воен успех. Клучните капацитети за нуклеарно збогатување на Иран се целосно и тотално уништени.“
Трамп рече дека нападите ги погодиле постројките за збогатување ураниум во Фордоу, Натанц и Исфахан . Тој го предупреди Иран да не се одмаздува против американски цели во регионот, ветувајќи дека понатамошните американски напади ќе бидат уште посмртоносни.
„Или ќе има мир или ќе има трагедија за Иран, многу поголема од онаа што ја видовме во последните осум дена“, рече Трамп. „Запомнете, останаа многу цели. Вечервашната беше најтешка од сите досега, а можеби и најсмртоносна. Но, ако мирот не дојде брзо, ќе ги нападнеме тие други цели со прецизност, брзина и вештина.“
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, ги поздрави нападите во недела наутро во Израел. „Честитки, претседателе Трамп, вашата храбра одлука да ги таргетирате нуклеарните постројки на Иран со неверојатната и праведна моќ на Соединетите Американски Држави ќе ја промени историјата“, рече Нетанјаху во видео изјава.
Иранската државна новинска агенција ИРНА рано утрово потврди дека е извршен напад врз нуклеарната централа Фордоу во земјата.
Полуофицијалната новинска агенција Фарс, исто така блиска до Револуционерната гарда, цитираше друг функционер кој рече дека воздушната одбрана отворила оган во близина на Исфахан и дека се слушнале експлозии