Поранешниот американски претседател Доналд Трамп апелираше до републиканците да гласаат за Кевин Мекарти за нов претседател на Претставничкиот дом.
„ Завршете ја работата, зграпчете ја победата. Републиканци, не претворајте голем триумф во огромен и понижувачки пораз“, порача Трамп на својата социјална мрежа „Социјална вистина“.
Домот денеска повторно ќе се обиде да избере спикер, откако главниот кандидат на Републиканската партија, Кевин Мекарти од Калифорнија, не го освои потребното мнозинство гласови ниту по три круга гласање. Резултатот од третиот круг беше 212 за демократот Хаким Џефрис, 202 за Мекарти и 20 за републиканецот Џим Џордан.
На Мекарти му требаат 218 гласа за да ја замени претседателката Ненси Пелоси од Демократската партија, бидејќи ултраконзервативните членови на неговата партија гласаа против него. Претставниците на тврдата струја, вклучувајќи ги Скот Пери, Енди Бигс и Лорен Боберт, изразија противење, загрижени дека Мекарти не е доволно посветен на конзервативните цели. На состанокот на партијата зад затворени врати, Мекарти се обиде да ги убеди своите противници да гласаат за него и вети дека ќе остане во трката додека не ги добие потребните гласови, пренесува „Гласот на Америка“.