Утрински Весник
Македонија

Трамп ги менува луѓето во амбасадите и Македонија меѓу 29 земји

Ageler.png
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна процес на повлекување на речиси 30 кариерни дипломати од амбасадорски и други високи позиции во дипломатските мисии на САД ширум светот. Според извори од Стејт департментот, шефовите на мисиите во најмалку 29 земји минатата недела биле официјално известени дека нивните мандати ќе завршат во јануари, а меѓу европските држави на списокот експлицитно е наведена и Македонија.

Станува збор за дипломати кои биле назначени за време на администрацијата на Џо Бајден и кои ја преживеале почетната чистка во раните месеци од вториот мандат на Трамп, кога фокусот бил насочен првенствено кон политичките назначувања. Сепак, според информациите, оваа недела во Вашингтон почнало испраќање известувања за нивно итно повлекување од функциите.

Покрај Македонија, меѓу европските земји погодени од оваа одлука се и Црна Гора, Ерменија и Словачка. Најголем број повлекувања, пак, се регистрирани на африканскиот континент, каде ќе се сменат амбасадорите во 13 држави, меѓу кои Нигерија, Сомалија, Руанда и Сенегал. Промени се најавени и во шест азиски земји, вклучително Виетнам и Филипините, како и во Алжир, Египет, Непал, Шри Ланка, Гватемала и Суринам.

Од Стејт департментот не коментираат конкретни бројки и имиња, но ги бранят промените како „стандардна практика во секоја администрација“. Во официјалниот став се наведува дека амбасадорот е личен претставник на претседателот и дека претседателот има право да се осигура оти во странство го претставуваат луѓе кои ја унапредуваат агендата „Америка на прво место“.

Инаку, дипломатите што се опфатени со оваа рокада нема да ги загубат своите работни места во надворешната служба, туку ќе се вратат во Вашингтон и ќе можат да продолжат со други ангажмани, доколку го прифатат тоа. Сепак, одлуката веќе предизвика загриженост кај дел од американските законодавци и кај синдикатот што ги претставува дипломатите, кои предупредуваат дека масовното повлекување на искусен кадар може да влијае врз ефикасноста на американската дипломатија.

Можете да прочитате

Намалена видливост на неколку патни правци

Црна европска листа: Македонија трета по број на убиени жени

Фрчкоски до ВМРО-ДПМНЕ: АКТ ви дише во врат