
Американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди земјите членки на БРИКС, барајќи од нив итна заложба дека нема да креираат нова заедничка валута ниту ќе поддржат друга алтернатива за замена на американскиот долар во меѓународната трговија.
Трамп порача дека доколку овие земји продолжат со плановите за дедоларизација, ќе се соочат со казнени царини од 100% за сите производи кои ги извезуваат во САД. Во својот препознатлив стил, тој беше дециден во пораката објавена на неговата социјална мрежа:
„Бараме посветеност од овие земји дека нема да создадат нова валута на БРИКС, ниту пак ќе поддржат која било друга валута за да го заменат моќниот американски долар, во спротивно ќе се соочат со стопроцентни царини и треба да очекуваат дека ќе се збогуваат со продажбата на прекрасната американска економија“.
Трамп дополнително ги исмеа обидите за менување на глобалниот финансиски поредок, порачувајќи им на земјите од блокот: „Тие можат да си најдат друг ‘наивец’ на кој ќе му ги продаваат своите стоки“.
Според него, идејата дека БРИКС може да го истисне доларот е завршена приказна.


