Утрински Весник
Македонија

Трајановски: Нападите од Шилегов и Деспотовски се „стани ти да седнам јас“

Trajanovski 2.jpg

Раководството на СДСМ е целосно фокусирано на претстојниот партиски Конгрес, каде ќе бидат претставени новата програма и новиот концепт на делување, а ќе се слушне и мислењето на делегатите, изјави потпретседателот на партијата Александар Трајановски во интервју за „Трилинг“.

„Фокусирани сме на она што треба – Конгресот да помине во најдобар ред. Таму ќе се слушнат и позитивните и негативните мислења, затоа што тоа е просторот каде се дебатира“, истакна Трајановски.

Прашан за шпекулациите дека Конгресот може да пропадне, како и за изјавите на некои поранешни сопартијци кои најавуваат можен раздор во партијата, Трајановски го исклучи таквото сценарио.

„Во претходниот период имавме бројни разговори и консултации. Сите делегати се искомуницирани. Нема ни говор за саботажа или пропаѓање на Конгресот. Тоа ќе биде отчетен Конгрес и секој ќе си го каже својот став“, рече тој.

За јавните настапи на поранешни функционери кои го критикуваат раководството, Трајановски порача дека таквиот начин на комуникација не е прифатлив.

„Не прифаќам напади преку социјални мрежи или телевизии со цел ‘стани ти да седнам јас’. СДСМ нема да дозволи неаргументирани напади да останат без одговор“, нагласи Трајановски.

Тој додаде дека претседателот Венко Филипче разговарал со сите поранешни високи функционери и дека на сите им е подадена рака за соработка.

„Никој од никого не е откажан. Нивно е дали се препознаваат во новиот концепт. Но, партијата мора да се заштити од неосновани напади“, заврши Трајановски.

Можете да прочитате

Трендафилов: Владата и газдите си играат со животите на работниците

Во судството и 10.000 евра плата да им дадете, пак ќе крадат вели Туфегџиќ 

Кривичниот совет ја потврди мерката куќен притвор за судијата Ристов