
Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска го претстави новиот проект од својата програма „Искуство за успех“, изградба на современ Скопски Експо-Центар на местото на поранешната касарна во Бардовци, во општина Карпош.
„Денеска сме овде, на периферијата на Карпош и Бардовци, пред локацијата на старата касарна, простор кој е запуштен и затворен повеќе од една деценија,“ изјави Трајановски. „Во минатото, овој простор беше предлаган за сместување на бегалци и мигранти, што со право предизвика револт и протести кај граѓаните. Наместо да остане симбол на отпор, ова место треба да стане симбол на развој.“
Според проектот, новиот Скопски Експо-Центар ќе се изгради на површина од 86.000 квадратни метри и ќе претставува ново сајмиште на главниот град, простор каде што ќе се одржуваат саеми, изложби, конференции и бизнис-настани на регионално и европско ниво.
„Локацијата е стратешки идеална, во непосредна близина на скопската обиколница, со лесен пристап од сите правци и блиску до индустриската зона Визбегово. Со тоа, Скопје добива логична и функционална целина: спој на индустриски и комерцијален центар со јасна економска визија,“ истакна Трајановски.
Проектот предвидува во рамките на експо-комплексот да се изградат и хотелски капацитети, угостителски и забавни содржини, зелени површини и јавни простори. Новиот експо-центар ќе биде отворање на Скопје кон Европа и светот, создавајќи можности за соработка меѓу домашните компании и меѓународните инвеститори.
„Со ваков центар, Скопје ќе стане дел од европската бизнис мапа. Ќе можеме да ги промовираме нашите производи и да привлечеме компании од регионот и од светот. Наместо запуштен простор, ќе добиеме нова економска и урбана точка што ќе му даде нов живот на градот,“ изјави Трајановски.