Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, изврши увид во изградбата на експресниот пат Градско – Дреново, првата фаза Градско – Фариш и втората фаза Фариш – Дреново, со цел подетаљно запознавање со текот на градбата.
Од изведувачите и надзорите над градбата на експресниот пат беше запознаен со моментната состојба и со предизвиците пред кои се исправени за нивно надминување за запазување на предвидениот рок на изградба, кој истекува кон крајот на годината.
Трајановски од инженерите беше известен дека процентот на реализација на првата делница е 95 %, а на втората делница 85 %. Вкупната должина, пак, на експресниот пат е 26 км. На првата делница Градско – Дреново изведувач на работите е „Штрабаг“, а надзор е ЕГИС, а на втората делница Дреново – Фариш изведувач на работите е „Синоходро“ и надзор се „Геинг“ и „Евро консталтинг“.
Во моментот првата делница е речиси готова. Потребно е уште да се постави заштитна одбојна ограда, како и санација на една косина. На втората делница веќе се целосно пробиени двете цевки на тунелот, изведени се бетонските работи на тунелот, се санираат косините, се врши асфалтирање, а се гради и еден кружен тек на постојниот пат (кај клучката Дреново), како и изведба на други тековни градежни работи во согласност со проектната документација, информираат од неговиот кабинет.
Трајановски од изведувачите и надзорите над работите побара поголема динамика во изградбата и запазување на роковите.
Коридорот 10 д е еден од најзначајните патни правци во државата бидејќи низ него дневно поминуваат околу 6 илјади возила од сите категории и многу товарни возила. Токму од овие причини, како што велат, посветуваат внимание на изградбата на експресниот пат Градско – Дреново, со кој значително ќе се олесни протокот на сообраќај, а со завршувањето на изградбата значително ќе се скрати и времето на патување од Градско кон Прилеп и Битола.