Утрински Весник
Македонија

Тошковски за „Мазут“: Информациите ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат објавени

782638000 122313369356197509 9080745910077245584 n.jpg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува продолжената истрага за случајот „Мазут“ да ги расветли сите околности, а најавува дека информациите со кои досега бил запознаен се од таква природа што, според него, може да ја фрапираат јавноста кога ќе бидат објавени.

Коментирајќи ја одлуката на Вишото јавно обвинителство да се продолжи со постапувањето по предметот, Тошковски порача дека најважно е граѓаните на крајот да видат дали има правда.

„Не е битно дали министерот за внатрешни работи е задоволен или не е задоволен од која било одлука на Јавното обвинителство, битно е дали граѓаните на крајот ќе видат правда“, изјави Тошковски.

Тој изрази очекување дека Обвинителството професионално ќе ги разгледа сите детали и околности поврзани со случајот. Според него, информациите што ги добил од истражителите кои работеле на предметот се сериозни.

„Информациите коишто беа споделени со мене, а се поврзани со предметниот случај, навистина сум сигурен дека ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат споделени со јавноста“, рече Тошковски, без да открие за какви конкретни сознанија станува збор.

Изјавата следува откако Вишото јавно обвинителство ја укина наредбата со која беше запрена истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

Со одлуката, ОЈО за гонење организиран криминал и корупција е задолжено да продолжи со постапувањето, да прибере дополнителни податоци од повеќе институции и да нареди нови вештачења.

Истрагата претходно беше затворена во мај, откако ОЈО ГОКК соопшти дека по едногодишно постапување не биле потврдени наводите содржани во кривичната пријава.

Предметот опфаќаше 13 лица, додека вкупната вредност на набавките кои биле предмет на истрагата изнесува 167 милиони евра.

Со одлуката на Вишото јавно обвинителство, случајот повторно се враќа во фокусот, а дополнителните проверки и вештачења треба да покажат дали постојат основи за натамошно кривично гонење.

Можете да прочитате

Граѓански организации бараат итно разрешување на директорот на АОПЗ, Далибор Китановиќ

Градоначалник и раководител заработија кривична – спорни одобренија за фотонапонски панели

19 пациенти со западно-нилска треска во болница, двајца се во тешка состојба на респиратор