
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 изјави дека засега не може да се докаже постоење на организација или поврзаност меѓу пожарите што ја зафатија земјата во последниот период. Сепак, според него, околностите се сомнителни бидејќи огнените инциденти се случиле во исклучително краток временски интервал.
„Засега не можеме да докажеме поврзаност или организација помеѓу настанатите пожари. Да сме можеле, ќе имаше и други дејствија кон организирани групи. Но, факт е дека во последнава недела имавме пожари на четири многу ризични точки. Првиот ден гореа пет-шест различни локации, неповрзани територијално една со друга. Тоа е ужасно сомнително. Но, да, не можеме засега да докажеме организација. Нема совршено злосторство, да знаете. Има само несовршена истрага,“ изјави Тошковски.
Министерот се осврна и на политичките обвинувања. На прашањето за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека зад пожарите стои „злосторничко здружение ДУИ–СДС“, како и тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски за постоење на „центри на моќ“ во државата и надвор од неа, Тошковски одговори дека во оваа фаза не може да открива детали.
Тој нагласи дека серијата пожари не може да се сведе на обична случајност, наведувајќи дека само во период од четири дена биле зафатени клучни локации во Скопје: депониите „Дрисла“, „Вардариште“ и Шуто Оризари, како и фабрика за рециклирање на електронски отпад во Трубарево.
„Она што ни се случува е надвор од еден разумен сомнеж дека може да биде дел од обична ‘касус’ ситуација, какви што сме гледале и во минатото. Никој не може да ме убеди дека е случајно да се запалат четири критични локации за толку кратко време,“ додаде тој.
На новинарско прашање дали има конкретни осомничени лица поврзани со пожарот во Трубарево, Тошковски појасни дека „надвор од четворицата кои веќе се приведени, засега нема други осомничени“.
Министерството за внатрешни работи продолжува со предистражната и истражната постапка, со цел да се утврди дали зад серијата пожари навистина стои организирана структура или станува збор за повеќе одвоени инциденти.