Утрински Весник
Македонија

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Img 5919.jpeg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека е изненаден од начинот на кој во јавноста се споделуваат детали од предистрагата за можна шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Тошковски посочи дека предистражната постапка по закон подразбира тајност и предупреди дека објавувањето детали може да влијае врз самата постапка.


„Ја разбирам потребата и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и сите останати органи да бидат транспарентни, но во секој случај морам да потенцирам дека предистрага е постапка што сама по себе подразбира тајност“, изјави Тошковски.

Тој реагираше на соопштението на ОЈО ГОКК, во кое беше наведено дека МВР доцни со постапувањето и со доставување на анализите и доказите поврзани со предметот.

Според министерот, периодот од два месеци што го споменува Обвинителството не е невообичаен за ваков тип на сложени анализи.

„Министерството за внатрешни работи не е курирска служба па да земе и да донесе нешто до Обвинителството. Треба да се извршат анализи и суштински да се сработи работата“, рече Тошковски.

На прашањето дали МВР ги поседува копиите од видеонадзорот од кабинетот на шефот на државата, министерот одби да открие детали, повикувајќи се на тајноста на предистражната постапка.

Тошковски во интервјуто повеќепати алудираше дека во јавноста намерно се отвора тема за наводно ненавремено постапување на МВР, со цел да се изврши притисок врз Министерството и да се дефокусираат други предмети.

„Зошто токму сега, токму од истиот обвинител, се отвора ова прашање?“, праша министерот, додавајќи дека првично мислел оти станува збор за „теорија на заговор“, но дека одредени случувања отвораат сомнежи.

Во текот на интервјуто, Тошковски потенцираше дека МВР постапува согласно наредбите на обвинителството и најави дека во текот на следната недела ќе биде доставено известување со анализи и документи до ОЈО ГОКК.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пред два дена информираа дека се води предистрага за можна шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Според ОЈО ГОКК, до Секторот за компјутерски криминал на МВР биле доставени барања за анализа на екстрахирани податоци од мобилни телефони и компјутерски системи, но досега не добиле известување за резултатите од преземените дејствија.

Можете да прочитате

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”

Битиќи ја прозва министерката за финансии: „Фејсбук не е место за правдање на долгови“