
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител, зборуваше за последните хибридни напади и подметнувања на пожари во Македонија. Тој избегна да открие детали од истрагата, појаснувајќи дека тоа би можело да ја наруши предистражната и истражната постапка, и кратко одговори на прашањето кога се очекува разрешница: „Па почнато е да се одмотува“.
Тошковски истакна дека не го демантирал премиерот Христијан Мицкоски околу неговите изјави дека зад пожарите стојат структури и во државата и надвор од неа. „Факт е дека имаме мултистрачни напади на државата од повеќе аспекти“, рече министерот, додавајќи дека има индиции за политички мотиви зад овие хибридни закани, но деталите ќе ги остави на истрагата.
Министерот детално образложи дека првите денови на пожарите биле критични точки на повеќе локации во Скопје и во државата, вклучувајќи депонии и фабрика за рециклирање на електронски отпад. Тој посочи дека механизацијата и персоналот на некои од овие критични точки не биле во функција во моментот на пожарите, што ја прави случајноста сомнителна.
Одговарајќи на критиките од опозицијата дека владините изјави се манипулација, Тошковски кратко рече: „Ќе видиме тоа“. За лицето снимено на безбедносна камера при предизвикување пожар во сервис во населбата Пинтија, министерот рече дека во овој момент не може да открие повеќе детали.
Тошковски истакна дека овие настани нема да влијаат на претстојните локални избори и изрази поддршка за предлогот на премиерот Мицкоски за измени во Кривичниот законик, со кои подметнувањето пожар ќе се квалификува како тероризам. Тој додаде дека заострените казни ќе имаат и превентивен ефект во иднина.
„Апсолутно поддржувам заострување на казнената политика за ваков вид кривични дела. Сметам дека тоа ќе делува и превентивно“, рече Тошковски.