Тим Европа и ОН во Северна Македонија денеска на Меѓународниот ден на жената ќе ја доделат наградата „Европска жена на годината“ за 2024 година.
Седумте покровители се здружија со седумте номинирани кандидатки – извонредни жени препознаени како креатори на промени во нивните заедници.
– Алмира Фасљи Муарем ромска активистка од Скопје – претставена од германската амбасадорка Петра Дрекслер, Марија Дуда Дибиаџио претприемачка од Крива Паланка – претставена од шефот на претставништвото на ЕИБ Бјорн Габриел, Катерина Котеска-Стисниовска, адвокатка од Битола – претставена од амбасадор на Шпанија, Хозе Луис Лосано Гарсија, Елмедина Абдулахи, поборничка за животната средина од Тетово – претставена од грчката амбасадорка, Софија Филипиду, Греса Мустафаи, спортистка од Струга – претставена од амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер, Ана Витанова Рингачева, универзитетска професорка од Струмица – претставена од амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин и Далиборка Златева, поборничка за лицата со попреченост од Велес – претставена од постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџиак, соопштуваат од Делегацијата на ЕУ.
Оттаму посочуваат дека седумте номинирани кандидатки можеби не ѝ се познати на пошироката јавност, но сепак, тие го пробиваат патот и ги инспирираат другите да го следат нивниот пример. Како такви, тие се носители на позитивни промени во целото општество и затоа се номинирани за наградата од нивните покровители.
-Иако сите горенаведени работи ги прават сите нив Европски жени на годината, кандидатката со најголем број реакции на Фејсбук страницата на Делегацијата на Европската Унија ќе ја добие титулата „Европска жена на годината“ за 2024 година за време на церемонијата, се наведува во соопштението.
„Европска жена на годината“ е награда востановена во 2022 година од Делегацијата на Европската Унија како начин да се признаат и промовираат еднаквоста и еднаквите можности како темелни вредности на ЕУ. Второто издание за 2024 година е организирано под покровителство на Тим Европа и Претставништвото на ОН во Северна Македонија.