Австриецот Доминик Тим смета дека статусот на најдобар на сите времиња (GOAT – Greatest of All Time) во тенисот ќе биде одреден според тоа кој од Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе освои повеќе гренд слем титули, автоматски исклучувајќи го Роџер Федерер од дискусијата.
Ѓоковиќ ја освои својата 22. гренд слем титула на Австралија опен минатиот месец, израмнувајќи се со Надал, додека Федерер, и покрај својата елеганција и рекордите кои ги сруши во кариерата се пензионираше лани со 20 големи титули.
„Според мене, гренд слем титулите треба да бидат главниот критериум во дискусијата за најдобар на сите времиња, бидејќи во тенисот има четири турнири кои се многу поважни од другите. Сите други работи се океј, но не е истото како гренд слем тенис. Нема да ме изненади тоа да биде Ѓоковиќ. Физички и ментално тој изгледа многу помлад, како да има 25 години. Кога ме победи во финалето во Австралија во 2021 година немав никакви шанси. За мене, тој е најдобриот“, вели Тим за „Јуроспорт“.