
Видео објавено на „ТикТок“ од булеварот „Партизански одреди“ предизвика бурни реакции, откако во него се гледа како објавувачот, стоејќи покрај отворено сандаче со прекинувач за струја, експериментира со вклучување и исклучување – за да види што ќе се случи со семафорите.
Во описот на видеото стои прашањето: „За што служи прекидачов?“, а коментарите под објавата се движат од саркастични до остро предупредувачки.
„Ме чуди еден нема од коментарите дека за ова може кривично да одговараш, а најмногу тие што го оставиле отворено! Ќе се помеша тајмерот на семафорите и ќе направиш хаос!“, напиша еден од корисниците.
Објавувачот, кој на „ТикТок“ се потпишува како @kateblane, се обиде да се оправда, но доби дополнителни предупредувања дека манипулацијата со таков прекинувач претставува кривично дело и може да има сериозни последици.
Еден корисник додаде: „Често ги гледам дечиштана од ГУЦ, ќе поминат и еден паметен да се направи фраер, го штрака прекидачот и ги гаси семафорите. Несвесен дека може да предизвика сообраќајна несреќа“.
На крајот, објавувачот реагираше со циничен тон: „Не кликам повеќе и ако е толку страшно, залепете ги со супер лепак.“
Проблемот со незаштитените сандачиња за семафори не е нов. Пред три години, по трагичната смрт на Викторија Николова кај „Сити мол“, телевизија „Код“ откри дека семафорите биле исклучени преку вакво сандаче, но ниту една институција не презеде одговорност. Тогаш беше утврдено дека овие прекинувачи често се користат од лица што мијат стакла, но и од деца и тинејџери, без никаква контрола.
И покрај бројните јавни реакции и апели, отворените електрични сандачиња сè уште стојат на повеќе фреквентни локации низ Скопје, оставајќи ја безбедноста на сообраќајот – во буквална смисла – во рацете на случајни минувачи.
@kateblane За што служи прекидачов? only wrong answers 😂 #street #comedy #trafic #skopje #скопје ♬ original sound – kateblane



