
Социјалната мрежа ТикТок не ги почитува преземените обврски од Законот за дигитални услуги (ДСА) во однос на т.н. „складиште на реклами“, соопшти денеска Европската комисија врз основа на наодите од нејзината прелиминарна истрага.
„Складиштето на реклами“ е база на податоци или архива која содржи податоци за рекламите, вклучувајќи ја нивната содржина, спонзори, трошоци и должина на траење и емитување. Примарна цел на оваа база е поголема транспарентност на онлајн рекламирањето и можност на истражителите, надзорните тела и јавноста да имаат пристап до податоците за рекламите.
Комисијата посочува дека ова „складиште на реклами“ е клучно за откривање на реклами со кои се мамат граѓаните и кои се користат за кампањи со хибридни закани и координирани информативни операции, вклучително и во контекст на избори.
– Комисијата утврди дека ТикТок не ги обезбедува потребните информации за содржината на рекламите, за корисниците кон кои се насочени рекламите и за тоа кој платил за рекламите. Покрај тоа, „складиштето за реклами“ на ТикТок не овозможува сеопфатно пребарување на рекламите врз основа на овие информации, со што се ограничува корисноста на алатката, се додава во соопштението на ЕК.
Комисијата посочи и дека за прелиминарни наоди од истрагата веќе го информирала ТикТок, кој сега има право на одбрана со проверка на документите од истражната постапка и давање писмен одговор на забелешките.
Доколку во понатамошните фази на истрагата бидат потврдени прелиминарните наоди, тогаш Комисијата може да му изрече парична казна на ТикТок во висина до шест отсто од вкупниот негов годишен промет на глобално ниво, како и да го засили надзор врз социјалната мрежа.
Формална постапка против Тик Ток, Европската комисија ја започна на 19 февруари минатата година и со неа покрај проценката за транспарентноста на рекламирањето, беа оценувани и негативните ефекти од дизајнот на алгоритамските системи, гарантирањето на високо ниво на приватност, безбедноста и сигурноста за малолетници, како и можноста на истражителите за пристап до информации, за што истрагата продолжува.
Паралелно со ова, ЕК во декември 2024 година започна истрага против ТикТок и за начинот на справување со ризиците поврзани со изборите и граѓанскиот дискурс, која исто така е во тек.