Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски на социјалните мрежи пишува дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска му се налутила оти тој ја објавил реконструкцијата на улицата „Радишанска“, иако лично и’ ја истакнал оваа улица како приоритет.
„Горд сум на секој проект реализиран од Градот кој јас лично ти го истакнав како приоритет, бидејќи ти не знаеше каде се наоѓа општина Бутел“, вели Костовски во објавата.
Натаму, Костовски додава и дека за време на кампањата „ја носеле Арсовска низ Радишани како мало дете во градинка за да добие гласови“, а сега истите тие од градот добиваат затворена врата за соработка.
Реконструкцијата на улицата „Радишанска“ се обновува во должина од 1.100 метри, а како што беше објавено, граѓаните од овој дел на градот, ќе добијат и соодветно партерно уредување и реконструкција на последната автобуска постојка на линијата број 57.