Утрински Весник
Свет

Такер Карлсон ја напушти Москва со лет преку Белград – американскиот новинар фотографиран по интервјуто со Путин

Американскиот новинар Такер Карлсон, кој направи интервју со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, утрово ја напушти Русија од аеродромот Шереметјево, со авион на линијата Москва-Белград, пренесува РИА Новости.

На социјалните мрежи се појави фотографија од Карлсон во авионот, наведува руската агенција.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно потврди дека Карлсон се сретнал и разговарал со рускиот претседател Владимир Путин.

Се очекува интервјуто да се појави на страницата на Карлсон на Твитер и неговата веб-страница некаде помеѓу четврток и петок.

„Карлсон има став кој се разликува од другите, тој во никој случај не е проруски, не е проукраински, туку напротив проамерикански. Но, во најмала рака, значително се разликува од ставот на традиционалните англосаксонски медиуми“, рече Песков за тоа зошто Путин му дал интервју на овој новинар.

Такер Карлсон претходно потврди дека дошол во Москва на планирано интервју со рускиот претседател, иако веќе неколку дена е во Русија.

„Тука сум (во Москва) на интервју со рускиот претседател Владимир Путин. Ние го правиме тоа затоа што тоа е наша работа. Ние се занимаваме со новинарство. Наша должност е да ги информираме луѓето“, рече Карлсон во видеото објавено на социјалната мрежа „Икс“.

Тој додаде дека војната во Украина е човечка катастрофа во која загина цела генерација Украинци и дека повеќето Американци не се доволно информирани за тој конфликт.

Според Карлсон, Вашингтон двапати се обидел да го саботира интервјуто, што прес секретарот на Белата куќа Карин Жан-Пјер го негираше.

Во исто време, новинарот објасни дека сопственикот на социјалната мрежа „Икс“, Илон Маск, ветил дека нема да го блокира разговорот со Путин кога ќе биде објавен на таа платформа, пренесува „РИА Новости“.

Можете да прочитате

САД и испратија на Турција преддоговор за продажба на борбени авиони Ф-16

Турк: И Израел и Хамас извршија воени злосторства

Шпанската полиција разби мрежа која илегално извезувала одбранбени материјал во Саудиска Арабија