
Светската здравствена организација планира в недела да почне обемна кампања за вакцинација во Појасот Газа.
Околу 44.000 деца, кои не можеле да бидат опфатени со процесот на имунизација за време на двегодишната израелска војна против милитантната палестинска организација Хамас, ќе бидат вакцинирани во рок од 10 дена против, меѓу другото, морбили (мали сипаници), заушки, рубеола и полио (детска парализа).
Следните дози треба да бидат администрирани во јануари.
По појавата на полио вирусот во Појасот Газа, СЗО спроведе кампањи за вакцинација против полио за време на прекините на огнот во летото 2024 и февруари 2025 година. Иако имало мобилни тимови за вакцинација, некои деца не можеле да бидат опфатени.
СЗО проценува дека 20 проценти од децата под пет години никогаш или само недоволно биле вакцинирани поради конфликтот.
Истовремено со кампањата за имунизација, Детскиот фонд на ОН, УНИЦЕФ, ќе ја проценува неисхранетоста со цел да може да им помогне на младите што е можно побрзо и поконкретно.
Според СЗО, општата стапка на вакцинација во Појасот Газа пред војната била 98 отсто. Сега се проценува дека е помалку од 70 проценти.



