Утрински Весник
Култура

Светска премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ на „Палм Бич“ во Флорида

Светска премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ на „Палм Бич“ во Флорида

Дебитантскиот долгометражен игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски во април ќе ја доживее својата светска премиера на престижниот „Palm Beach International Film Festival“ во Флорида, САД.

dobivaj vesti na viber

Фестивалот важи за еден од најдобрите 25 фестивали за независен филм во светот.

Ситните песочни плажи, луксузните вили и богатиот ноќен живот кои се дел од Палм Бич, го сместија филмскиот фестивал во овој град на листите на 10-те најдобри филмски дестинации на планетата, според „MovieMaker Magazine“.

Организаторите на фестивалот велат дека нивната мисија е откривање и развивање на нови и независни филмаџии на денешницата и иднината, и препознавање на оригинални визионери низ целиот свет.

Режисерот и сценарист на филмот Гоце Цветановски рече дека најголема желба му била светската премиера да биде токму во САД – дестинација што ја доживува како центарот на филмските случувања на светската мапа.

Гоце Цветановски – режисер

„Првите чекори секогаш се најважни и можам да кажам дека мојот сон се оствари. Би сакал да и’ честитам на целата екипа за овој успех. Нашиот проект ќе биде прикажан во конкуренција со некои од најдобрите независни филмови во САД и во светот“, вели Цветановски кој македонската публика најдобро го знае преку серијалот „Светот на Биби“, а изминатите години работи и на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“.

„Бизнисот на задоволството“ е трилер кој ја обработува темата за трговија со жени. Филмот претходно во македонската јавност беше промовиран со работниот наслов „Денот на Жената“, а по учеството на „American Film Market“ во Лос Анџелес и договорот за дистрибуција со американската компанија „Принц филмс“ филмот беше преименуван. Од продукцијата сметаат дека новиот наслов е попровокативен и подобро ќе го претстави ова дело пред публиката.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска.

Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“, за првпат се потпишува како кинематографер на долгометражен игран филм.

„Бизнисот на задоволството“ беше снимен со поддршка на Агенцијата за филм.

Фотографии: Маја Аргакијева

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“