
Со свечена церемонија на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, вечерва официјално беа отворени 25-тите Зимски олимписки игри, кои се одржуваат под мотото „Хармонија“. На Олимписките игри Милано–Кортина, што ќе траат до 22 февруари, учествуваат 2.871 спортист од 92 национални олимписки комитети, кои ќе се натпреваруваат во 116 дисциплини. Церемонијата на отворање беше збогатена со музички настапи на Мараја Кери, Лаура Паузини и Андреа Бочели. На крајот беа запалени два олимписки пламени – во Милано, кај Арко дела Паче, и во Кортина д’Ампецо, на плоштадот Пјаца Дибона.
Ова се првите Зимски олимписки игри во историјата што официјално се организираат во два града. Милано е домаќин на натпреварите во затворен простор и на мраз, додека дел од дисциплините се одржуваат во Кортина д’Ампецо и околните планински региони. За прв пат во олимписката програма е вклучено скијачкото планинарење, а Игрите се и први што се одржуваат за време на мандатот на новата претседателка на МОК, Кирсти Ковентри. Русија и Белорусија остануваат суспендирани, но нивни спортисти можат да настапат индивидуално како неутрални учесници. САД имаат најбројна делегација, по што следуваат Италија, Германија, Швајцарија и Франција. На отворањето присуствуваа италијанскиот претседател Серџо Матарела, премиерката Џорџа Мелони, бројни светски лидери и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Церемонијата на затворање ќе се одржи на 22 февруари во „Верона Арена“, кога олимпиското знаме ќе им биде предадено на домаќините на ЗОИ 2030 во Француските Алпи.

