Утрински Весник
Македонија

Свечено отворен Лекторат по македонски јазик на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Словачка

Image 2025 12 11 105616466.png

На 8 декември 2025 година, на празникот Свети Климент, беше означен почетокот на една нова и значајна етапа во ширењето на македонскиот јазик и култура во Европа. На Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра се отвори Лекторат по македонски јазик, кој претставува дванаесетти лекторат на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во странство.

На свеченоста присуствуваше делегација од УКИМ во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Кристина Николовска, директор на МСМЈЛК, и проф. д-р Звонко Танески, кој е назначен за лектор.

Проф. д-р Звонко Танески, кој со својата долгорочна научна, преведувачка, високообразовна и културна мисија во Словачка изгради цврсти мостови меѓу македонската и словачката култура, ќе биде лектор во новоотворениот Лекторат и продолжувач на оваа важна меѓукултурна соработка.

Отворањето на Лекторатот претставува силен поттик за развојот и промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура надвор од нашите граници, и истовремено ново поглавје во македонско-словачките академски врски. Наставата во Лекторатот ќе придонесе и кон поголема видливост на македонскиот јазик во централноевропскиот образовен простор.

Можете да прочитате

Перински: Спроведени процеси од исклучителна стратешка важност што ја менуваат реалноста на локалната самоуправа

Усвоена нацрт-резолуција за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија

За снег ќе чекаме уште долго, Македонија под влијание на Антициклон