
Основниот кривичен суд Скопје одлучи да им одреди најтешка мерка – притвор – на дел од осомничените во големата акција поврзана со злоупотреби во Управата за јавни приходи (УЈП).
По завршувањето на распитот на осум лица, судија на претходна постапка ги оцени фактите и доказите и го прифати предлогот на Обвинителството. На сите осуммина им е определен притвор во траење од 30 дена.
Судот утврди дека се исполнети сите три основни услови за определување на мерка притвор:
- Опасност од бегство
- Влијание врз сведоци
- Можност да го довршат или повторат делото
Оваа одлука следува по претходната за друга група од девет лица опфатени со истата акција, на кои им беа определени поблаги мерки – одземање пасош и забрана за вршење работа.

